Пресечен е меѓународен канал на транспорт на 1,465 килограм висококвалитетен кокаин кој од Санта Круз, Боливија, преку Франкфурт, Германија требало да заврши во Охрид, соопштуваат од МВР.

Кокаинот, кој бил фатен вчера, е со чистота од 95 отсто и со додавање на други примеси, неговата препродажба би можела да достигне и до половина милион евра.

„По вчерашната акција, МВР до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривични пријави против едно лице (Б.П.) од Охрид, едно лице од село Велешта, струшко, и две лица од Скопје, поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело – ‘неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори’“, соопштуваат од таму.

Пакетот бил испратен од одреден – Вицтор Хуго Салватиерра Цеспедес (лице кое е наведено како испраќач во испратницата) од Санта Круз, Боливија, и како негова крајна дестинација бил наведен Охрид, а како примач на пратката бил наведен Б.П. против кого сега е поднесена кривична пријава.

Примачот пристигнал во просториите на ТНТ-експрес и откако ја подигнал поштенската пратка имал намера пакетот да го предаде на неговиот татко кој бил паркиран непосредно пред ТНТ-експрес. Но набргу по ова од страна на полициски службеници на МВР двете лица биле лишени од слобода.

Акцијата е спроведена од Единицата за борба против недозволена трговија со дрога при Одделот за организиран криминал и Царинската служба на Р. Македонија во соработка со полициските служби на Германија, а во координација на СЕКИ центарот од Букурешт, соопштуваат од МВР.

OhridNews
извор: „Макфакс“