Криминалистичката полиција при полициската станица од Струга, вчера пронајде и одзеде вкупно 4212 пиротехнички средства петарди наменети за понатамошна продажба.
Најголемиот дел од пронајдените пиротехнички средства се петардите т.н. пиратки „Мирновец“ и „Крекери“ кои вчера во времето од 13 до 14 часот беа пронајдени во две одвоени контроли на градскиот пазар во Струга. Поголемиот дел од петардите наменети за натамошна нелегална и неовластена продажба беа пронајдени во и околу магацини и тезгите каде се чува и продава овошје сопственост на 40-годишен жител на струшкото село Велешта. Останатиот дел од петардите се пронајдени до тезга за облека каде работел 58-годишен жител на Струга-информираше полицијата.
Против лицата полициската станица од Струга поднесе кривични пријави за „Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи.
Како што изјави портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, во пресрет на новогодишните празници, секторот за внатрешни работи Охрид врши интензивни и засилени контроли на физички и правни лица со цел пронаоѓање пиротехнички производи, кои во Република Македонија, и покрај забраната за нивна употреба, неовластено се продаваат во продавници, пазари и на други јавни места.
OhridNews