Голем број мрежи се запленети при контролите што во месец април ги спроведе рибочуварската служба на концесионерот на Охридското Езеро „Пастрмка 2012“ – Охрид, а до Основното јавно обвинителство во Охрид поднесени се кривични пријави против 6 лица за вршење незаконит риболов.
Како што информира концесионерот, при контрола во реонот на Градска плажа, населба Воска, запленети биле мрежи во должина од 350 метри и поднесена е кривична пријава против едно лице од Охрид и три непознати лица кои што вршеле незаконит риболов. Во с.Пештани запленети се рибарски мрежи во должина од 160 метри со улов од белвица, мрена и друг вид на риба. Поднесена е кривична пријава против едно лице од Охрид и еден непознат сторител.
Исто така, против две лица поднесени се прекршочни пријави до Државниот инспекторот за земјоделство од областа на рибарството. Тие биле затекнати како ловат со забранет риболовен алат (канџа) и не поседувале риболовна дозвола и риболовна легитимација.
Од „Пастрмка 2012“ соопштуваат дека во моментов се врши деноноќна заштита околу појасите со трска поради мрестот на крап кој ќе отпочне кон крајот на овој месец. „Воедно рибочуварската служба продолжува со интензивни контроли на целото подрачје на Охридското Езеро, со што концесионерот на стопански и рекреативен риболов ја реализира својата најголема законска обврска, а тоа е физичка заштита на рибниот фонд на Охридското Езро.“-велат од „Пастрмка 2012“.
OhridNews