Прв академски час се одржа денес на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид за учебната 2022/2023 година.

Поздравно обраќање пред ново запишаните студенти имаше градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков кој истакна дека со оглед на тоа што живееме во дигитален свет со многу предизвици во кој се е поврзано и една информација со брзина на светлината се пренесува од еден до друг крај на Светот, направиле вистински избор со одлуката за упис на овој Универзитет.

Вие ќе бидете идните мајстори на социјалните мрежи и сајбер заедницата, а можеби и главни креатори во делот на роботиката. Во трка со времето, знаеме дека еден од пократките патишта да ги оствариме овие цели е да се фокусираме на информациско- комуникациските технологии. Информациската технологија може да биде генератор на економскиот раст во државата и средство за постигнување благосостојба во неа. Сите држави кои постигнале заеднички раст и успеале да скокнат десеттици места напред на светските ранг – листи на држави според богатство имаат едно нешто заедничко. Сите тие се напредни корисници на информациско- комуникациските технологии, рече Пецаков.

За разлика од другите, додаде, кај информациските технологии државата не мора да биде изумител на нови технологии, не мора дури ни да биде произведувач, за да бележи економски раст, туку доволно е да биде напреден корисник.

Токму Вие драги студенти со избор на овој универзитет очекувам да бидете идните креатори на нашето напредно македонско општество. Затоа впивајте знаења кои ќе ги практикувате во развојот на нашата татковина. Можеби одредена материја ќе треба да ја прочитате неколку пати пред да ја совладате, но правете го тоа со љубов. Вложувајте труд во стекнување знаење и верувајте дека тоа ќе ви се исплати во животот. Можеби некој проблем пред да го решите ќе треба неколку пати да се обидете, важно е да не се откажувате. Барајте помош тоа не е срамно туку е одраз на вашата зрелост и подготвеност да учите, додаде Пецаков.

Заедно со менаџерскиот тим на Универзитетот, потенцираше, ќе работат на подобрување на условите за високото образование, а како локална Власт ќе го поддржат секој добар проект кој е во нивна и полза на општествениот раст и развој.

Инаку, Општина Охрид има потпишано меморандум за соработка со Универзитетот „Св. Апостол и Павле“.

OhridNews