Поставен камен-темелник за изградба на автопатот Тетово–Гостивар во долгжина од 18 километри. Истиот се очекува да биде завршен во 2027 година.

На настанот присуствуваа премиерот на Владата, Христијан Мицкоски, потпретседателите на Владата Александар Николоски, Изет Меџити и Љупчо Димовски, директорот на претпријатието за државни патишта Коце Трајановски, како и амбасадорката на САД Анџела Агелер, но и пратеници, градоначалници и претставници на Бехтел и Енка.

Овој капитален проект ќе ја подобри поврзаноста во Полошкиот регион и ќе придонесе за побезбедно и побрзо патување. Овој пат ќе го возат и ќе го користат и Македонци и Албанци и Турци и Срби и Власи и Роми и Бошњаци и од други националности, туристи коишто ќе се упатуваат до нашите планински бисери, до нашите езерски бисери како што е Охридското Езеро. И тоа е иднината на нашата заедничка татковина Македонија којашто сите си ја сакаме и почитуваме, но со дела, рече Мицкоски.

За две и пол години од денеска ќе имаме автопат по сите прописи и сите стандарди, рече министерот Николоски.

Ова лето активно ќе се работи на изградба на автопати на коридорите 8 и 10д во должина од 65 до 68 киломтери. Сакам да споделам два факти со вас. Во јуни 2024 година кога беше формирана оваа Влада, вкупно беа експроприрани 560 парцели на трите делници. Денеска имаме 2497 парцели експроприрани, прогресот е помножен некаде пет пати. Тоа значи дека отвораме фронт за работа на делницата Тетово-Гостивар 17,5 километри, на Гостивар – Букојчани 14,7 километри и Прилеп-Битола 29 километри или планот до ова лето активно да се работи на изградба на автопати во рамки на коридорите 8 и 10д некаде од 65 до 68 киломтери, што мислам дека ќе се согласите е огромен прогрес, истакна Николоски.

Не е доволно само постојано да говориме за важноста на Коридорот 8 и за поврзувањето на државата со регионот туку потребно е зборовите да ги преточиме во дела, рече Трајановски.

Денеска говореа делата и покрај градежните активности на делниците Гостивар–Букојчани и Прилеп–Битола кои напредуваат, отпочнуваме со градежни активности и на Тетово-Гостивар. Веќе се чувствуваат и економските придобивки од градежните активности затоа што околу 60% од изведувачите на изградбата на автопатите се локални компании, како и повеќе од 90% од подизведувачите. Граѓаните заслужуваат да возат по модерни, брзи и безбедни патишта. Патишта кои значат заокружување на европската патна инфраструктура, значат перспективи, избор на економски просперитет, истакна Трајановски.

Инаку, проектот за изградба на на автопатот Тетово–Гостивар вклучува 8 натпатници за локални патишта, 1 натпатник за новата клучка Боговиње–Врапчиште, како и реконструкција на клучката кај Тетово со постоечкиот натпатник.

Вредноста на инвестицијата изнесува 90 милиони евра.

Н.С.Ј.