Тешка механизација го уредува просторот во Љубанишко поле, каде започна изградбата на луксузниот туристички комплекс „Сахара Македонија“, што го најави индискиот милијардер Субрата Рој.

Почетокот на градежните работи мина без очекуваната медиумска помпа поради измените во Изборниот законик според кои владини министри и јавни фукнционери не смеат да сечат ленти и да промовираат проекти во предизборна кампања.

Изградбата според најавите треба да заврши до 2018 година. На површина од околу 200 хектари ќе бидат изградени вили, апартмани, голф терени и други атракции, а во водите на Охридското Езеро, наместо предвидениот еден, ќе никнат два супер луксузни хотели . За таа цел со специјална технологија природните плодишта на ендемскиот вид охридска пастрмка ќе бидат преместени десетина километри кон север. Проектот го изработил Хидробиолошкиот завод од Охрид, во соработка со експерти од НАСА.

Дознаваме дека инвестицијата во втората фаза која ќе отпочне по изградбата на примарниот проект, предвидува проширување на коритото на реката Црн Дрим, кој ќе стане пловен и ќе го поврзе Охридското Езеро со Јадранско Море.

Паралелно со подготовката на теренот за изградбата на туристичкиот комплекс во Љубаништа, започна трасирањето на експресниот пат кој наместо низ националниот парк Галичица, како што првично беше предвидено ќе минува под планината каде ќе биде изграден тунел со две цевки, со што ќе се заштитат ретките видови флора и фауна. Предвидено е и зголемување на капацитетите на охридскиот аеродром, во чија близина ќе биде изградено пристаниште од каде со брзи глисери елитните гости ќе се превезуваат по воден пат до туристичкиот комплекс во Љубаништа.

Изградбата на луксузниот туристички комплекс во Љубаништа уследи откако Дебарско кичевската епархија се согласила да го отстапи својот имот на државата која за возврат на црквата и го понудила комплексот Плаошник, додека имотот на локалното население ќе биде откупен по пазарна цена.

Најголема корист од изградбата на мега проектот во Љубаништа ќе има општина Охрид. Имено, само од комуналии таа ќе инкасира нешто над 30 милиони евра кои, како што дознаваме, ќе бидат искористени за подмирување на големиот долг на локалната самоуправа.

АПРИЛИ ЛИ ЛИ…