Хидробиолошкиот завод го доби потребното одобрение од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство по што го започна изловот на охридска пастрмка за потребите на вештачкиот мрест, кој инаку вообичаено секоја година започнува на 21- ви јануари.

-Доцнењето од неколку дена е од оправвдани причини поради службена отсутност на ресорниот министер кој по враќање во земјата го потпиша потребното одобрение. Изловот со мрежи започна вчера за што се ангажирани 17 рибари, како и 6 рибочувари кои ќе ги обезбедуваат трите пункта каде се врши риболовот на пастртмка во Охрид, Пештани и Трпејца, изјави Гоце Костоски од Хидробиолошкиот завод од Охрид. Тој посочи дека има добра соработка и со граничната полиција со цел да се заштити рибниот фонд на пастрмка во сезоната на мрест.


Од Хидробиолошкиот институт изразуваат надеж дека вештачкиот мрест, кој е предвидено да трае до 21 март, ќе помине успешно и дека ќе се обезбедат потребните зрна икра за добивање на подмладок пастрмка неопходни за одржување на природниот минимум на овој загрозен ендемски вид риба.

– Очекувањата се дека со вештачкиот мрест ќе бидат инкубирани околу 3,5 милиони зрна икра од охридска пастрмка од сите мрестилишта заедно, што е природен оптимум. Динамиката со која ќе се изведува мрестот сепак ќе зависи од уловот на пастрмка за оваа цел, нагласува Костоски. Тој информира дека се обезбедени потребните количини вода за Хидробиолошкиот завод, како и другите неопходни услови за непречено одвивање на вештачкиот мрест. 

Во струшкиот дел од езерото вештачкиот мрест го изведува „Институтот за сточарство“ – Скопје, преку Мрестилиштето во с.Шум, а во Албанија мрестилиштето во Лин.

Вештачкиот мрест на охридската пастрмка финансиски е поддржан од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а мрестот ќе  се одвива под надзор на Државниот инспекторат за земјоделство.

OhridNews