Започна конзервацијата на богатите мозаични подови кои се наоѓаат во археолошкиот локалитет ,,Манчевци” во стариот дел на Охрид. Овие активности се дел од Третата фаза од конзервацијата на оваа ранохристијанската базилика.
-Во рамките на реализацијата на програмата за заштита на културното наследство, а со финансиска поддршка на Министерството за култура, стручни екипи од Заводот за заштита на спомениците и музеј Охрид, интензивно работат на третата фаза од конзервацијата на овој археолошкиот локалитет. Во изминатите две години таму беа извршени археолошки истражувања, а се заврши и конзервацијата на остатоците од рано христијанската базилика, информираат од Министерството за култура на Република Македонија.
Од таму се надеваат дека овој локалитет во иднина ќе прерасне во интересно место за туристички посети.
-Со реализацијата на завршната фаза од работите на археолошкиот локалитет Манчевци градот Охрид до крајот на годинава ќе се здобие со уште еден атрактивен археолошки локалитет кој нуди одлична можност за дополнителна афирмација на културното наследство на Република Македонија, потенцираат од министерството.
Во рамки на проектот за конзервација, во претходните две фази се изврши конзервација на постоечките ѕидови од локалитетот, додека пак мермерните столбови пронајдени на лице место, беа поставени на својата автентична позиција во структурата на базиликата. Исто така во склоп на активностите беше поставена и покривна конструкција над базиликата.
Локалитетот ,,Манчевци” е една од деветте ранохристијански базилики откриени во стариот дел на Охрид, кои имаат огромно значење за културното наследство на Република Македонија.
OhridNews