На 28 вакцинални места во спортската сала „Билјанини извори“, денеска треба да бидат вакцинирани 1100 граѓани, пријавени во системот „Мој термин“, со што и официјално започна масовната имунизација на граѓаните од Охрид и регионот. Вакцинацијата ја спроведуваат 50 медицински лица.
Дали ќе дојдат сите пријавени, не можам да кажам, меѓутоа апелирам сите што се пријавиле и што имаат закажан термин да дојдат и да се вакцинираат. – изјави Др. Горан Балевски, директор на Општа болница Охрид, чиј персонал заедно со екипи на Здравствен дом Охрид, Центарот за јавно здравје, други здравствени установи и волонтери го спроведуваат процесот на вакцинација во регионалниот центар во спортската сала „Билјанини извори“.

Ние цело време повикуваме да се пријават што повеќе луѓе, за да можеме да вакцинираме што е можно повеќе. Затоа и спортската сала „Билјанини извори“ е избрана за регионален вакцинален центар, каде се ангажирани голем број екипи, за да можеме безбедно и ефикасно да ја извршиме имунизацијата. Ние можеме да вакцинираме околу 1500 луѓе во еден ден, меѓутоа луѓето треба да доаѓаат и да се вакцинират. – рече Балевски.

Според Балевски, веројатно ќе биде потребно време луѓето да сфатат дека вакцинацијата е единствено нешто со што можеме да ја победиме оваа пандемија.
Единствен лек за овој вирус е вакцинацијата. Нема добра и лоша вакцина, сите се добри вакцини. Битно е да се вакцинираат луѓето, да сфатат дека ова е единствен начин да се спасиме од оваа болест. Точно е дека тоа е на доброволна основа, но луѓето мора да разберат дека мора да се вакцинираат и дека вакцината има минимални несакани ефекти, а максимален бенефит. – додаде Др. Балевски.

Што се однесува до проблемот со Црвениот крст, чија екипа денеска беше вратена од вакциналниот пункт, Др. Балевски со став дека сега е потребен секој што сака и е обучен да помогне.
Потребен ни е секој што може да помогне. И јас сум активист на Црвениот крст, како што ќе се укаже потреба од обучен кадар, а таков има во Црвениот крст Охрид, ќе бидат вклучени. Секој човек што сака да помогне не гледам причина да не биде примен, се разбира да е добро едуциран и да ја познава целата проблематика. Ова со што се соочуваме сега е нешто ново, ваков тип на вакцинација немало до сега, исто немало и ваков удар на здравствениот систем, меѓутоа ние како регион со толку болници кои имаат врвен кадар, како што се општите болници во Охрид и Струга, Кардиологија, Костозглобна, Нефрологија, очекувам дека ќе ја победиме оваа пандемија. – истакна Др. Горан Балевски.

Г.М.













