Со пригодна музичка програма која се одржа во катедралната црква „Света Софија“ вчеравачер беше означен почетокот на овогодинешното издание на Меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“.

Како покровител на настанот, свое обраќање пред присутните имаше градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.  Огромно е задоволството да се биде дел од овој прекрасен настан, со кој се одбележуваат 20 години од меѓународниот музички натпревар „Охридски Бисери“ и да се означи почетокот на уште едно негово успешно издание, рече Пецаков.

Горди сме што Охрид продолжува да биде центар на музичката уметност и тоа што сме домаќини на вакви културни случувања. „Охридски бисери“ е најзначајниот меѓународен натпревар во областа на класичната музика во нашата држава, кој привлекува квалитетни млади уметници од целиот свет. Тоа се должи на високите стандарди на целокупниот програмски концепт но и во строгата селекција на наградени учесници. Среќни сме што наши гости ќе бидат седумдесетина млади музичари од 16 држави, кои ќе се натпреваруваат во три музички дисциплини. Верувам дека овогодинешната програма ќе ја оствари својата главна цел, а тоа е откривање и стимулирање на исклучително талентирани музичари и верификација на нивниот напредок во образованието. Искрено се надевам дека овој музички натпревар ќе продолжи да се организира уште многу години и дека ќе доживее уште многу значајни јубилеи. Јас како градоначалник и нашата Локална самоуправа ќе продолжиме и понатаму да ја даваме потребната поддршка на ваквите културни настани, кои ја збогатуваат разгледницата на нашиот туристички бисер, додаде Пецаков.

На концертот по повод свеченото отворање на натпреварот настапија македонската виолиниска Софија Никоска и српскиот пијанист Александар Сердар.

Во рамки на програмата беше презентиран и документарен филм по -20 години Меѓународен натпревар за млади музичари „Охридски бисери“.

OhridNews