Со провокативниот наслов „Република Депонија“, околу кој е конципиран стартниот ден на Фестивалот за процесирање култура „ДримON“, започна петдневната програма која до 30 јули ќе понуди богата програма на дебати, изложби, филмски проекции, работилници, театар и многу дружење. Фестивалот се одржува во и околу Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, а стартот беше одбележан со ден посветен на проблемот со струшката депонија.
Изложбата на фотографии „Пристапност” ќе се одржи денеска, 27-ми јули, и е организирана во соработка со Шведската амабасада во Скопје. Публиката ќе има можност да види 25 портрети кои ги претставуваат, не само предизвиците, туку и успесите на лицата со попреченост во Шведска и во Македонија.
Во продолжение на изложбата, следи мотивациски говор на Александар Матовски Цако, еден од истакнатите борци за човекови права и правата на лицата со Даунов синдром, како и еден од моделите на изложбата. Тој ќе ја раскаже неговата перспектива за секојдневните предизвици на лицата со попреченост. По неговиот говор, на панелот организиран во соработка со агенцијата „Холистик“, продавачот на уличното списание „Лице в лице“, Игор Шајноски, заедно со Анита Гаговска Шутиноска од „Порака Нова“ ќе зборуваат за пристапноста како нешто многу повеќе од обезбедување на услови во нашето физичко опкружување.
На крајот на овој фестивалски блок, по 21 часот ќе биде прикажан и шведскиот филм „Како да ги врзам врвките” во режија на Лена Копел, кој се базира на вистинитата приказна за театарската трупа „Среќен Худик“. Во кино зоната, во истиот термин ќе биде прикажан и филмот „24.док“ на Јане Алтипармаков направен како дел од проект на Здружението за поддршка на деца и млади со попреченост „Сината птица“.
Белградската електро поп музичарка, Сана Гариќ, пред публиката на „ДримОН“ ќе го претстави својот албум „Свет за нас”, а концертот е најавен за 22 часот. Фестивалскиот ден се затвора со забава со диџеи од фестивалот „Де: Сонанз“, која ќе започне на полноќ.
Ohridnews














