Овластен претставник на осигурителната компанија „Биро Веритас“, вчера во каналот Студенчишта започна со преглед на патничките бродови од охридската флота, кои беа извлечени на суво со помош на 35-тонска дигалка на „ЕМО“ – Охрид.


Во импровизирани услови, затоа што во Охрид нема соодветен простор за преглед на пловни објекти на суво, бродовите се вадеа до половина од вода, а потоа постапката се повторуваше од другата страна.

Како што не информираа сопствениците на бродовите и нивните капетани, ова е компромисно решение со цел конечно да се исполнат условите за добивање дозвола за пловидба на што тие чекаат од минатиот јули. Изненаден од ваквиот начин на проверка на пловните објекти бил и овластениот претставвник на „Биро Веритас“, кого го затекнавме во разговор со охридските капетани. Тој внимателно ги проверуваше труповите на бродовите, перките и другата механика.


И покрај големото внимание, работата во импровизирани услови носи и одредени ризици, велат охридските капетани кои посочуваат дека при вадењето на суво на бродовите дошло до помали оштетувања кои сега ќе треба да се санираат.


Охридската бродска флота не плови редовно од јули 2010 година, кога поради истекување на дозволите им беше изречена забрана за пловидба и им беше наложено да извршат технички преглед кај овластен бродски регистер. За таа цел Министерството за транспорт и врски склучи договор со меѓународната компанија „Биро Веритас“. Поради несогласувања, пред се околу цената на чинење, охридските бродови останаа закотвени во текот на главната туристичка сезона. Дел од нив есента добија привремена дозвола за пловидба, за конечно сега бродарите да ги прифатат условите за технички преглед на „Биро Веритас“, што треба да стави крај на  8-месечната криза.

OhridNews