Еден од најстарите и најреномирани турнири во мал фудбал во регионот, „Петровден“ во Мешеишта, годинава ќе се одржи по 51-ви пат, продолжувајќи ја традицијата која повеќе од пет децении обединува генерации спортисти, рекреативци и љубители на фудбалот.

Организаторот го отвори пријавувањето за учество на годинешното издание, кое ќе трае до 14 јуни. Котизацијата за настап изнесува 5.000 денари по екипа, додека ждрепката за групната фаза и распоредот на натпреварите ќе се одржи на 15 јуни.

Како и минатата година, турнирот ќе понуди богат награден фонд од 500.000 денари. Предвидени се и индивидуални признанија за најдобар играч, голман, стрелец и најдобар млад фудбалер.

Минатогодишното јубилејно 50-то издание донесе голем интерес и учество на 34 екипи.  Трофејот го освои екипата на АСП ПАК, а турнирот уште еднаш потврди дека е еден од најзначајните спортски настани во охридско-струшкиот регион.

Турнирот „Петровден“ во Мешеишта со децении претставува вистински спортски бренд, место каде се создаваат незаборавни фудбалски приказни, а секое лето привлекува голем број екипи и публика од целиот регион.

Сите заинтересирани екипи своето учество можат да го пријават најдоцна до 14 јуни на телефонскиот број наведен во официјалниот плакат на организаторот.

Г.М.