Градоначалниците на општини и раководителите на национални паркови во сливот на Охридското и Преспанското Езеро од македонска и албанска страна, денеска во Корча- Албанија, потпишаа декларација за воспоставувањето на Прекуграничен биосферен резерват Охрид-Преспа.


Целта на иницијативата, што ја покрена Билатералниот секретаријат за заштита на сливот на Охридското Езеро, е да се овозможи интегрална заштита и одржлив развој на регионот.


Охрид како заштитено подрачје и досега се грижеше за културното и природното наследство, а ова ќе биде можност повеќе во насока на заштита на животната средина. Корист од сето ова ќе имаат сите општини, оттаму што тоа ќе значи збогатување и подобрување на севкупната туристичка понуда, изјави градоначалникот на општина Охрид, Александар Петрески.

Охридскиот слив е дел од проектот за заштита на Охридското Езеро што заеднички го реализираа Македонија и Албанија.

Како што истакнаа од Билатералниот секретаријат, сега ќе следи комплетирање на документацијата за прогласување на Охридско-преспанскиот регион за биосферен резерват, која ќе биде проследена до УНЕСКО.


Се надеваме дека процесот ќе биде завршен до крајот на годината, а согласно процедурата УНЕСКО треба да се изјасни за иницијативата во рок од три месеци, изјави Аријан Мероли од Билатералниот секретаријат.

На потпишувањето на декларацијата не присуствуваа претставници на грчките општини и заштитените зони од регионот.

Горан Момироски