Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, денес, во општина Дебрца изврши увид врз градежните работи кои се во тек, за реконструкција на регионалниот патен правец Ботун- Белчишта- Велмеј.

Како што потенцира министерот, реконструкцијата се врши по барање на жителите на општината, а станува збор за патен правец во должина од 5,7 километри.

– При мојата посета во зимскиот период, основно барање на жителите беше реконструкцијата на овој регионален патен правец.Сега, откако се создадоа услови и температурите се над 8 степени, како што и ветивме, со помош на претпријатието Македонија пат започнавме со рехабилитацијата на овој патен правец. Прво се врши крпење на дупките, ќе се поставува основен слој, а по две недели се очекува да се реализира и финална фаза од активностите, рече министерот Јанакиески.

Кандидатот за градоначалник за општина Дебрца од коалицијата За подобра Македонија, Игор Трајкоски, искажа благодарност до владата за преземените активности за реконструкција на патниот правец.

– По завршувањето на градежните работи ќе имаме современ пат во функција на сите жители на Дебрца, изјави Трајкоски.

Реконструкцијата е дел од годишната програма на јавното претпријатие Македонија пат, преку Агенцијата за државни патишта. Целиот проект ќе чини околу 20 милиони денари.

OhridNews