Со пригодна свеченост денес во Основното училиште „Братство и единство“, беше означен почетокот на работа на Англиското катче, наменето за учениците од ова училиште, но и за наставниците и основците од останатите училишта во градот.


Го замисливме како англиски центар- библиотека која ќе се користи меѓу часовите, но и како училница за време на часовите. Наменета е за сите кои имаат желба да читаат на англиски јазик. За време на викендите планираме да одржуваме и работилници, вели професорката по англиски јазик во ОУ „Братство и единство“, Емилија Паункоска, која всушност се јавува и како носител и инцијатор на проектот за отворање на Англиското катче.

Проектот е реализран со средства од американскиот Мировен корпус, кој веќе 15 години функционира во Македонија и чии волонтери учествуваат во различни проекти од повеќе области.


Ние ги дадовме парите, но најголемиот дел од работите беа направени од страна на вработените во училиштето и нашата волонтерка кои учествуваа во реализцијата на проектот. Морам да напоменам дека токму волонтерите се нашиот најголем ресурс, потенцира Мјкл Радман од Мировниот корпус.

Во уредувањето на просторот учествуваше дел од наставниот кадар во ОУ „Братство и единство“, како и надворешни соработници, а книжниот фонд во англиската библиотека е обезбеден од неколку меѓународни донатори.

Т. К.