Заврши двогодишниот процес на происоединување  на Охридска банка АД Скопје кон Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје. Од денеска официјално со работа отпочна и главната филијала во Охрид во просториите на сега веќе поранешната Охридска банка, која стана дел од ново, поголемо банкарско семејство.

Приказната пред повеќе децении за Охридска банка започнува од Охрид. Токму поради историјата која ја има сега интегрираната банка во градот, филијалата на Шпаркасе банка во Охрид има посебно значење, вели претседателот на управниот одбор Глигор Бишев.

Секогаш се чувствуваме посебно кога сме во Охрид, затоа што голем дел од историјата на сега интегрираната банка е во овој град. Ние подеднакво ќе ги третираме сите клиенти сите градови, сите населени места меѓутоа  во нашите срца Охрид има посебно значење имајќи во предвид дека дел од почетоците на Шпаркасе банка денеска отпочнаа во Охрид  – истакна Бишев.

Тој додаде  дека голем дел од вработените на Шпаркасе банка ќе останат во Охрид

Голем дел од вработените на Шпаркасе банка Македонија остануваат во Охрид, значи гледано од тој аспект нема ништо да се промени, главната филијала останува овде. Тука ќе има коорпоративен центар кој го опслужува овој регион, потенцираше Бишев.

Нумизматичката збирка од  2500 монети кои датираат од 6. век п.н.е. па се до 14. Век, која што беше во сопственост на старата Охридска банка, останува во банката и за истата ќе има соодветно место, почитувајќи ги вредностите и принципите на компанијата, потенцираше претседателот на УО Глигор Бишев.

Интегрираната Шпаркасе банка во Југозападниот регион ќе ги опфаќа градовите Охрид, Битола, Струга и Ресен и ќе опслужува повеќе од 35. 000 активни клиенти

Го збогативме нашиот тим со повеќе од 50 професионалци, насочени кон градење на доглорочни партнерски односи базирани  на доверба. Остануваме посветени на Охрид и фокусирани на Охрид и за таа цел нашите банкарски услуги во рамките на Охрид ќе бидат понудени во мрежа на три експозитури и девет банкомати. – изјави Билјана Вранишкоска регионален директор на Шпаркасе банка за Југозападен регион

Со завршувањето на процесот на интеграција на Шпаркасе и Охридска банка се  креираше банка каде што пазарното учество во делот на населението достигнува 13,4 проценти и во тој сегмент е  трета позиционирана на пазарот, а во делот на коорпоративните клиенти достигнато е пазарно учество од 15 проценти е второ позиционирана на пазарот.

Во Охрид има најголем број на клиенти. Од вкупно 140.000 клиенти кои сега ќе ги опслужуваме во 35 експозитури и мрежа од 100 банкомати, во Охрид и во регионот сме најзастапени. Вработените во оваа зграда сите ќе останат тука и сите ќе бидат максимално посветени на барањата на клиентите. Во овој период на интеграција се појавија одредени технички проблеми, но тие постепено се решаваат“ – истакна Нина Неданоска , член на УО на Шпаркасе Банка.

Со присоединувањето на Охридска банка, Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје прерасна во поголема и помоќна банка, со актива од околу 1 милијарда евра и се позиционираше како четврта Банка по големина во државава.

Фото- галерија:

Започна со работа филијалата на  Шпаркасе банка во Охрид

Кристина А.
Фото: A.Момироска