По опсежни подготовки, од технички и новинарски аспект од вчера во етерот започна да зрачи Регионалната Телевизија О2 чие седиште е во Охрид.
Според директорот на телевизија Николче Милески О2 ги има сите технички предуслови и студиско – теренска техника која во моментов е врв во овие простори. Тимот го сочинуваат млади и образовани новинари и технички персонал кој минал низ процес на обука и ветува динамична телевизиска понуда и слика.
-Во почетокот стожерот ќе го има информативната програма, а наскоро ќе започнеме да работиме со редовна програмска шема во која ќе има простор за утринска програма, контактни емисии во живо од студиото и надвор од него. Наша цел е да ја заживееме и документаристиката и истражувачкото новинарство, а ќе има простор и за редица музички и емисии од културата, вели Татјана Маленкова Главен и одговорен уредник на О2 – Телевизија.
Маленкова додава дека претпладне ќе се емитуваат флеш вести, а попладне дневник. Првиот дневник според програмската шема на Телевизија О2 ќе биде во 16.30 минути, а вториот во 20.00 часот. За брзо време ќе се воведе дневник и пред полноќ.
Целта на телевизијата е да се понуди програма за сите генерации која допрва ќе се надоградува и со која О2 тежнее да стане бренд во телевизиската понуда во регионот.
OhridNews