На свечената Инаугурација на Клубот, присуствуваа претставници од клубови од Италија кои ќе бидат ментори во првата година од постоењето на клубот, заменик претседателката на Европската Федерација на Сороптимист, Лена Витанеми и претставнички од Бугарската унија.
– Овој ден е многу значаен за вашиот клуб во Струга. Исто така е голем ден и за вашата земја Македонија. Значаен е и за сите сороптимистики во Европа. Имаме нов клуб во земја која за прв пат е во Сороптимист. Европската Федерација се прошири за уште една нова земја и тоа ни причинува големо задоволство, ги поздрави членовите на новоформираниот клуб, Лена Витанеми, заменик претседателката на Европската Федерација на Сороптимист.
Формирањето на новиот клуб беше поздравен и од страна на Кети Кааф, претседателката на Европската Федерација, која нагласи дека организацијата има потреба од ваков клуб чии членови се јаки и динамични жени кои се придржуваат до универзалните вредности на толеранција и почитување на човековите права и кои се подготвени да работат за подобрување на животите на маргинализираните жени и деца од целиот свет.
Претседателката на првиот Сороптимист клуб во Македонија, Катерина Василеска, очекува во иднина да се отворат вакви клубови во повеќе градови во Македонија со цел подоцна да се формира и Унија на Македонија.
– Моите планови како прв претседател на клубот се да се зајакнат капацитетите на членките преку обуки, билатерални соработки со соседните земји, студиски патувања во Европа и посета на останатите клубови. Планираме да има локални активности за жените и девојките од нашите градови и секако да се промовираме за повеќе да не запознаат во Македонија, нагласува Василеска.
Инаку, Сороптимист е интернационална организација за жени од различни професии, кои имаат цел да го подобрат животот на жените и девојките во светот преку зајакнување на свеста, застапување и преземање конкретни акции. Првиот Сороптимист Клуб е формиран 1921 во САД. Во моментов, во светот има околу 3000 клубови присутни во 125 земји и бројат над 90.000 членови.