– Доставивме дописи до фирмите, а преку медиумите ги информиравме граѓаните за оваа акција која ќе се спроведува денес и утре од 10 до 18 часот на три локации: Полигон за мали спортови, платото кај стадионот Грашница во Воска и просторот пред продавницата за акумулатори „Акума Трејд“ во близина на Леарница- рече Јасмина Момироска од Секторот за урбанизам и заштита на животната средина, која упати апел до сите граѓани и институции, доколку имаат ваков отпад да го донесат на предвидените локации.
Акцијата се организира по повод одбележувањето на Денот на планетата Земја -22 април. Хавза Какељ од Секторот за урбанизам и заштита на животната средина потенцира дека човештвото денеска е исправено пред планетарна криза со која се опфатени човекот, општествата и природата. Човекот со своите системски однесувања е главниот предизвикувач на еколошката криза за што постојат повеќе докази како што се глобалното затоплување, климатските промени, катаклизмите, ураганите, наглото топење на глечерите.
– Сведоци сме и дека живееме во противречно време каде имаме експанзија на научни достигнувања во сите области, а од друга страна немаме мудрост кон природата. Борбата за здрава и чиста животна средина треба да продолжи, бидејќи ние сме одговорни за сите генерации што доаѓаат по нас. Денот на планетата Земја во светот го слават повеќе од милијарда луѓе, кои земаат учество во активностите по повод овој ден и затоа Секторот за урбанизам и заштита на животната средина ја организира оваа акција, како еден мал допринос, -рече Хавза Какељ.
Отпадот од трите локации ќе го подигне и третира фирма која од Министерството за животна средина и просторно планирање на РМ има добиено соодветна дозвола.