Десетиот годишен состанок на министрите за одбрана од земјите од Југоисточна Европа – СЕДМ,  започна денеска во Охрид. На состанокот ќе учествуваат делегации од 12 земји полноправни членки на СЕДМ процесот и четири земји кои имаат статус на набљудувач.


Состанокот на министрите за одбрана официјално го отвори премиерот Никола Груевски, кој потсети на активностите што Македонија и нејзината армија ги спроведе во насока на исполнување на критериумите за полноправно членство во НАТО.

„За жал и на наше огромно разочарување, очекуваната и заслужена покана за членство во НАТО на самитот во Букурешт, Македонија не ја доби, поради причини за кои сите се свесни“, рече Груевски.


При тоа тој истакна дека Македонија е одлучна да ги продолжи процесите и активностите кои конечно ќе доведат до нејзино целосно евроатлантско интегрирање преку стекнување полноправно членство во НАТО, за што Владата ужива огромна поддршка од граѓаните. Груевски рече дека Македонија ќе продолжи да промовира модерна и стабилна демократија, да ги јакне демократските капацитети и функционалноста на мултиетничкото општество, да го развива политичкиот дијалог и да ги финализира процесите на децентрализација. На надворешен план, премиерот најави дека Македонија ќе продолжи да ги афирмира заложбите за унапредување на добрососедските односи, принципите на соработка и отворен дијалог со земјите од регионот.


Во рамки на состанокот премиерот Груевски, на терасата од хотелот Инекс Горица  откри симбол посветен на десетгодишнината од потпишувањето на Договорот за Мултинационалните мировни сили за Југоисточна Европа – ММСЈИЕ.

На состанокот во Охрид присуствува и  секретарот за одбрана на САД, Роберт Гејтс, кој денеска ќе се сретне со државно владиниот врв. Во фокусот на расправа на мисистерскиот состанок ќе биде можното распоредување на бригадата СЕЕБРИГ во мировни операции и други актуелни прашања врзани за годишните активности на СЕДМ процесот.

Ohridnews