Актуелните проблеми во примената на парничното, извршното законодавство, проблемите во судската практика, работата на нотарите и извршителите- се дел од темите на кои расправаат над 200 учесници на 66- та Средба на правниците на Македонија, која од денес до сабота ќе се оддржува во Охрид.

Учесниците ќе расправаат и за предлозите за подобрување на состојбите, и за измените и дополнувањата на Законот за парнична постапка и Законот за извршување.

Како што нагласија од Здружението на правници на РМ и на оваа средба ќе се  полемизираат и разгледуваат бројни прашања, кои ќе бидат третирани од повеќе аспекти, по чија дискусија ќе произлезат и одредени ставови врз основ на стручна расправа.

Правниците во Охрид ќе расправаат и за уредувањето на  работните односи од аспект на теоријата, од аспект на државниот трудов инспекторат во поглед на справувањето со неформалните вработувања, како и по однос на судската практика, односно проблемите во работното законодавство во судската практика.

Во рамки на средбата ќе биде оддржана и тркалезна маса посветена на новиот Закон за здравствена заштита, како и за дополнителното здравствено осигурување и концесиите во здравствените установи.

Средбата е во организација на Здружението на правници на Македонија.

OhridNews