Посакуваното лидерството, демократските процеси и развојот на општествата од регионов, денес како никогаш претходно ни се повеќе од потребни, рече градоначалникот Кирил Пецаков во обраќањето на семинарот „Напредна академија за лидерство 2022“ во организација на Германската политичка фондација „Ханс Зајдел“ и фондацијата „Балкан нет“, под покровителство на Советот на Европа, а се одржува во Охрид.

За да изградиме стабилни и просперитени земји, исклучително ни се важни локалните самоуправи, како еден од најважните столбови на непосредно одлучување на граѓаните и темел на модерната демократија. Се разбира дека туку има голем простор за натамошно учење и усовршување на сите инволвирани во носењето на одлуките, креирањето на правилни политики и постигнување на оптимални резултати. Убеден сум дека учесниците на семинарот ќе се стекнат со нови вештини и знаења, кои ќе можат практично да ги применат во своите средини, истакна Пецаков.

Вистинското лидерство, додаде Пецаков, најдобро се оценува според резултатите и наследство што го оставате зад себе, а не според вербалните ветувања и програмите кои сте ги зацртале.

Верувам дека и покрај обемната програма, ќе најдете време и за обиколка на вечниот и древен Охрид, кој со своето неизмерно културно, историско и природно богатство, ќе ве натера повторно да ни дојдете во нашиот град, рече во своето обраќање Пецаков.

Програмата на семинарот е интерактивна обука, посветена на градоначалници, општински лидери и раководители на сектори во општините, а првенствено фокусирана на три области: развој и подобрување на индивидуалните лидерски вештини, вовед во техники неопходни за управување со луѓе и организации, како и вовед во развивањето, планирањето и разбирањето на меѓународните проекти и програми.

На семинарот учествуваат претставници од Македонија, Албанија, Косово, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Бугарија.

Вториот дел од семинарот ќе се одржи во текот на месец јули во Банско, Република Бугарија.

OhridNews