Во селото Радожда, денес, започна вештачкиот мрест на охридската пастрмка во струшкиот дел од Охридското Езеро. Собрани се 25.000 зрна икра кои во наредниот период во мрестилиштето „Шум“ ќе се искористат за да се обезбеди здрав подмладок пастрмка.
– Подготвени сме годинава да примиме над два милиони икра. Имајќи ги предвид заштитата, вложувањата и интересот на државата, ќе успееме да го зголемиме производството, односно рипчињата кои ќе ги произведиме да бидат најмалку осумдесет проценти повеќе од минатата година, изјави Васил Костов, директор на Институтот за сточарство.
Како што потенцираа од Државниот инспекторат земјоделство , напорите на надлежните се во насока на заштита на живиот свет во Охридското Езеро, пред се на зачувување на ендемичниот вид риба.
Од фирмата „Пастрмка 2012“која стопанисува со рибниот фонд во езерото, нагласуваат дека се преземаат бројни активности за физичка заштита на рибниот фонд и дека благодарение на соработката со надлежните институции резултатите се веќе видливи.
За потребите на вештачкиот мрест, Владата на Република Македонија годинава одвои 13 милиони денари, што е речиси двојно повеќе споредено со минатата година.
OhridNews