Екипи составени од стручни лица од Управата за заштита на културното наследство, вчера, ги започнаа археолошките истражувања на црквата Света Богородица- Перивлепта. Тие се дел од низата подготвителни активности кои се превземаат пред да започнат конзерваторско- реставраторските работи на црквата.
– Стручните екипи веќе извршија геомагнетно снимање на просторот, а се изврши и комплетно скенирање на објектот од надворешната и внатрешната страна. Моментално се изработува и документацијата на фрескоживописот, а се работаат и пресеци на објектот за да се санираат сите оштетувања, вели директорката на Завод и музеј, Тања Паскали- Бунташеска.
Сите активности течат според планот кој бил утврден пред два месеци на заедничкиот состанок на кој присуствувал тим од Управата за заштита на културното наследство и архитекти, историчари на уметноста и конзерватори од УНЕСКО кои ќе учествуваат во зафатите за конзервација и заштита на фрескоживописот.

Предвидени се конзерваторско- реставраторски работи на црквата, на камбанаријата и манастирскиот конак.
Проектот се реализира со средства доделени од страна на Амбасадата на Америка во Македонија во висина од 650. 000 долари.












