Во Охрид синоќа свечено беа отворени осмите “Охридски разговори“ кои се дел од  твининг проектот за соработка меѓу Министерствата за внатрешни работи на Република Македонија и на Германската сојузна држава Бранденбург. Оваа тематска средба ќе биде насочена кон превентивните мерки за борбата против шумските пожари, согласно експертизите на ЕУ групата за јужна Европа и управувањето со кризи.


Експертската средба ја отвори министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која истакна дека „Охридските разговор се одраз на вистинско и трајно пријателство и огромна помош за Република Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ.

Независно на различните теми на дискусија, во разговорите преовладуваше поддршката на институциите на РМ, особено за МВР и институциите од областа на безбедноста, истакна Јанкуловска.


Во рамките на „Охридските разговори“ денеска ќе биде потпишана Декларација за соработка, продолжување и интензивирање на размената на искуствата на полето на заштитата од пожари и катастрофи меѓу Центарот за управување со кризи при Владата на РМ и МВР на Бранденбург.


Според директорот на Центарот за управување со кризи, Панде Лазаревски, потпишувањето на документот претставува заокружување на една успешна етапа на плодна соработка и отварање нова страница на идната соработка што ќе се темели, меѓу другото и врз неодамна воспоставената Национална платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи.


Охридските разговори кои започнаа во 2005 година претставуваат континуирана серија конференции на различни теми, од областа на безбедноста, иницирани од страна на МВР на Бранденбург со цел преку ваков вид на поддршка да се динамизира и олесни патот на Македонија кон ЕУ, а преку обезбедување на можноста за размена на информации и искуства.

Ohridnews