На конференцијата, која ќе се одржува во Конгресниот центра на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј”, свое учетво ќе земат околу 80 странски и македонски македонисти, слависти и балканисти, кои ќе ги соопштат своите истражувања од областа на јазикот и литературата.
-И оваа година научната конференција е поделена во два дела. Во рамки на Лингвистичката секција ќе се зборува за ,,Синтаксичката варијантност и карактеристиките на македонскиот јазик’’, а ќе биде отворена и научна дискусија за македонскиот јазик, литература и култура. Во делот на литературната секција годинава ќе му дадеме поголем акцент на делото на Гене Тодоровски, а ќе направиме и една паралела на Македонската литература и другите литератури, вели Проф. д-р Максим Каранфиловски, директор на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.
Тој објасни дека во рамки на 45. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура која ќе започне веднаш по завршувањето на научната конференција, ќе учествуваат над 100 ученици од 20 земји.
– На летната школа ќе учествуваат странски слависти, македонисти, балканисти, универзитетски професори, научни работници, преведувачи, млади истражувачи и студенти по македонистика, славистика и балканистика низ светот. Интересно е тоа што освен учесници од европските земји, оваа година ќе имаме учесници од Јужна Кореја и Кина, истакна Каранфиловски .
Слушателите на Летната школа ќе имаат секојдневни лекторски вежби и курсеви. Во фокусот на годинашното издание ќе бидат неколку значајни јубилеи. Како и секоја година, за учесниците на семинарот е подготвена и богата културна програма која вклучува посета на културното наследство на Охрид како и активности за запознавање со македонската традиција.