Новоформираниот професионален Охридски театар, вечерва со почеток во 20 часот во Центарот за култура, премиерно ќе ја изведе својата прва претстава „Метаморфози“ во режија на Андреј Цветановски.


Претставата е работена по „Метаморфози“ на Овидиј, а во адаптација на Дарко Јан Спасов. Сценографијата е на Владимир Ѓорески-Рафик, костимите на Кристина Мукоска Затуровска.


Митот е како единица мерка за времето на една цивилизација. Митовите како архетипови се појавуваат историјата на човештвото и носат предупредувачки пораки за луѓето од иднината, за да не се повторат истите грешки кои ги направиле нашите претходници. Но што ако боговите не се достојни на своите правила, на својата божественост? Како да се победи досадата од бесмрноста? Дали и боговите сакаат да станат луѓе колку што ние сакаме да станаме богови? се прашањата кои ги отвора оваа античка комедија со постмодерен горчлив вкус.


Во претставата играат: Горан Стојаноски, Јасмина Билаловиќ, Ивица Цонев, Никола Тодороски, Билјана Билаловиќ, Стрезо Стаматовски, Адријана Билаловиќ и Македонка Илиевска.


Оваа претстава на Охридскиот театар означува почеток на една нова фаза во развојот на живата култура, го обележува почетокот на еден нов живот на градот и го дава импулсот за понатамошен развој на театарот… Охридски професионален театар. Место за сите нас.

OhridNews