Со настап на учениците од ОУ “Христо Узунов“, вечерва со почеток во 18 часот на градскиот плоштад во Охрид, ќе започне десетневната новогодишна програма, што ја подготви локалната самоуправа.
Во понеделник, со концерт на Ламбе Алабакоски свечено ќе биде отворено лизгалиштето на градскиот плоштад, а непосредно пред тоа ќе настапат учениците од основните училишта “Братство и Eдинство“ и “Григор Прличев“.
Во наредните денови до 30 декември во рамки на новогодишната програма ќе настапуваат ученици од сите охридски основни и средни училишта, членови на културно уметнички друштва, и актери од охридскиот театар.
Во среда во спортската сала “Билјанини извори“ од 18 до 19.30 часот, исто така ќе има новогодишна програма, а во четврток во Центарот за култура “Григор Прличев“ ќе се одржи хуманитарен концерт “Пееме да помогнеме и да се забавуваме“. Во сабота на градскиот плоштад ќе настапи стендап комичарот Никола Тодороски.
На дочекот на Новата година на градскиот плоштад во Охрид во забавниот дел ќе настапат Ламбе Алабакоски и Викторија Лоба. За репертоарот од народна музика за новогодишната веселба ќе бидат задолжени Наум Петрески, неговата ќерка Анастасија и Зуица Лазова придружувани од оркестарот на групата „Синтезис”. По полноќ свој настап на охридскиот плоштад ќе има и блех оркестарот „Агушеви“.
OhridNews