
Ескетерното тестирање е задолжително, а учениците кои евентуално ќе го бојкотираат нема да добијат свидетелства за завршена година. Тие нема да имат право да учествуваат на некое од наредните тестирања на кои шанса ќе добијат само оправдано отсутните ученици, предупредуваат од Државниот просветен инспекторат.
Исто така, нема да можат да преполагаат ниту учениците кои на тестот ќе добијат слаба оценка, односно единица. Оценката од тестот ќе биде внесена во посебна графа во свидетелството, наменета за екстерното тестирање и ќе влијае на општиот успех на ученикот.
И покрај апелите на надлежните до родителите и учениците да не се бојкотира екстерното тестирање, во јавноста не стивнуват реакциите и протестите. Незадоволство преку протести изминатите денови искажаа ученици и родители во повеќе градови низ земјава, кои побараа одлагање на екстерното тестирање и измена на начинот на проверка на знаењата на учениците и наставниците.
Екстерното тестирање ќе се спроведува во наредните 11 дена. Учениците ќе полагаат комјутерски тестови кои содржат 30 прашања. Секој ученик ќе биде тестиран по два предмети.











