OhridNews и студио „Кинезио“, овој декември заеднички ќе реализираат кампања за безбеден раст на децата во Охрид. На овој начин најчитаниот интернет портал во регионот ќе го одбележи осум години постоење.
-Осмиот роденден го посветуваме на највредното нешто во нашето општество, децата. Како опшествено одговорен медиум не загрижуваат алармантните податоци за зголемениот број на деформитети кои се јавуваат при раст на децата. Тоа претставува сериозен проблем кој може да има далекузежни последици како врз здравјето и развојот на најмладите, така и кон севкупните општествени текови, затоа што тие се иднината на земјата, но и на економијата, која може да ја придвижат и развиваат само здрави работоспособни луѓе. На овој начин сакаме да го свртиме вниманието на севкупната јавност и одговорните во заедницата кон овој проблем, давајќи им поддршка на стручните лица од оваа област во напорите да се превенираат деформитетите кај децата во раст.-изјави Горан Момироски, главен и одговорен уредник на OhridNews.
Во рамки на проектот од страна на дипломираниот кинезитерапевт Јован Каланоски од студио „Кинезио“, ќе бидат прегледани децата од шестите одделенија во основните училишта во општината, на кои ќе им бидат дадени стручни совети доколку се дијагностицира некој вид деформитет.
-Од прегледите извршени изминатите години, дојдовме до заклучок дека Охрид се соочува со многу сериозен проблем кај најмладите жители. Околу 80 проценти од децата имаат проблеми на мускулно скелетниот систем, кифози, сколиози, крив врат, проблеми кои се последица на недоволна физичка активност, неправилно седење, движење, но и родителско занемарување на растот и развојот на децата. Нашата свест и одговорност не ни дозволуваат да ги занемариме овие проблеми и ќе дадеме се од себе да помогнеме децата да имаат правилен раст и развој.-вели кинезитерапевтот Јован Каланоски од студиото „Кинезио“.
Во рамки на кампањата, за петнаесет дечиња со најсериозни деформитети студиото „Кинезио“ и OhridNews ќе обезбедат едномесечен бесплатен третман, односно вежби и часови по корективна гимнастика.
OhridNews