Новата учебна 2025/2026 година денес започнува за 245 илјади ученици, односно 177.800 основци и 67.200 средношколци во државава.
Според министерката за образование и наука Весна Јаневска обезбедени се учебници за сите ученици, а за прв пат по седум години ќе има и учебници по странските јазици.
Втора учебна година по ред започнува со учебници за сите ученици. Целосно нови учебници има за седмо одделение во основното образование и за прва година во гимназиите, поради примената на нови наставни програми и најавувам дека овој процес на обнова на наставните содржини ќе има континуитет. За прв пат после седум години, учениците ќе добијат и учебници по странски јазици – англиски, француски, германски и италијански јазик, рече Јаневска, нагласувајќи дека сите се испечатени и над 90% од тиражот е веќе испорачан.
Во повеќе училишта, посочи, условите за настава се значително подобрени, а инклузијата е подигната со ангажирање на зголемен број образовни асистенти во основното, но и за прв пат во средното образование.
Учениците ќе се запознаваат со придобивките од вештачката интелигенција и ќе учат етички да ја користат за образовни цели. Значително се подигнува и инклузивноста на образовниот систем. Освен 1346 образовни асистенти во основните училишта, за прв пат, образовна асистенција ќе добијат и средношколците со посебни образовни потреби, а нив ќе им помагаат 130 образовни асистенти. За прв пат е воведено и формално образование за децата на долготрајно болничко лекување и тие повеќе нема да губат настава. Зависно од нивната состојба ќе можат да се вклучуваат онлајн во својот клас или пак, наставникот индивидуално ќе работи со нив, додаде Јаневска.
Настава ќе има до 10 јуни, а исклучок ќе бидат матурантите за кои редовните часови ќе траат до 15 мај.
OhridNews
фото. Архива