Од денес до 8 ноември 2026 година, на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ (УИНТ) во Охрид ќе се одржи настанот Ohrid TechAthlon 2026, организиран од Охрид Тех Сити (Ohrid Tech City) во соработка со Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ – Охрид.

Настанот има за цел на едно место да ги обедини и поврзе студентите, фриленсерите, технолошките таленти, иноваторите, претприемачите, академската и бизнис заедницата, да промовира развој на вештини, да го зајакне стартап и иновацискиот екосистем во Охрид и регионот и да ја промовира и унапреди соработката помеѓу академската, научно-истражувачката и бизнис заедницата, велат организаторите.
Под менторство на 20 искусни професионалци, учесниците ќе имаат можност да ги развијат своите идеи од иницијален концепт до изработка на прототип и бизнис модел.

Програмата е поделена во четири дела:
- Ideathlon: работилници и предавања од луѓе од индустријата, меѓу кои Magna, како и предавања за дизајн, AI и брендирање.
- Tech Hackathon: учесниците ги претставуваат идеите, формираат тимови и со помош на 20 ментори градат прототип, кој во недела го презентираат пред жири. Најдобрите тимови добиваат награди и можност за акцелераторски програми, стажирања и вработувања.
- Бизнис Експо: компании и стартапи се претставуваат на штандови во сабота.
- Кариерен саем: компаниите разговараат со учесниците, се поврзуваат со талентиран кадар и создаваат нови можности за пракса и вработување.
Темите, како што посочуваат организаторите, се веб-развој, дизајн, вештачка интелигенција, IoT, развој на игри, FinTech и одржливост, а предизвиците ги носат вистински компании, со вистински проблеми.
На настанот исто така ќе бидат презентирани дел од проектите на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид: SINFT (https://sinft.net/) и COPILOT (https://copilotproject.eu/).
Настанот завршува во недела со финални презентации и доделување награди.
OhridNews











