Започнува постапка за присоединување на ЈП „Градски пазар“ кон ЈП „Градски гробишта“. Советниците по расправата на денешната седма Седница на Совет ја изгласаа предлог одлуката. Беа изнесени низа аргументи против ваквата одлука, но и посочени предностите. Воедно беше потенцирано дека дополнително ќе следат анализите врз основа на кои повторно ќе се носи одлука на Совет.

Сметам дека овој зафат е премногу ризичен и дека не треба да се брза со оваа одлука затоа што може да даде поголеми последици. Разгледувајќи ги материјалите доставени за оваа точка, можам да заклучам дека Управниот одбор на ЈП Градски гробишта, без да ја разгледа реалната финансиска состојба најпрво на самото претпријатие, а подоцна и финансиската состојба на ЈП Градски пазар и проблемите кои можат да произлезат од нивното спојување донел заклучок за усвојување на иницијативата за присоединување иако тоа може да биде погубно за нив, имајќи ја предвид финансиската ситуација баш на ЈП Градски пазар, односно Градски пазар не може да си ги сервисира ни основните обврски за плати и режиски трошоци. А од друга страна, пак, Управниот одбор на ЈП Градски пазар поднесува иницијатива за присоединување и тука наведува неколку точки со кои ја оправдува оваа иницијатива и тоа: економично и ефикасно вршење на јавната дејност, рече Тодороски.
Тука вели се поставува прашање што досега ги спречувало за работата да ја вршат економично и ефикасно?
Подобрување на финансиската стабилност и ликвидност. Како ќе се подобри финансиската состојба, кога знаеме дека двете претпријатија се со негативни салда и бележат загуби? И колку ќе треба субвенции да одвои Општина Охрид за да се случи ова подобрување? Унапредување на квалитетот и континуитетот и достапноста на јавните услуги. Дали досега граѓаните плаќаа за недостапни и неквалитетни услуги?, праша Тодороски.
Затоа посочи не треба да се брза со оваа одлука со оглед на финансиската ситуација на ЈП „Градски пазар“, додавајќи дека со вакви постапки можеме само да се изгуби каквото такво ЈП „Градски гробишта“.
Факт е дека предлог одлуката мнозински ќе ја усвоите, но на комисиската расправа, на која што елабориравме од аспект на бенефитите и можните импликации, со акцент на импликациите од аспект на создавање на суфицит или вишак на кадар со преклопување на двете систематизации и имајќи го во предвид вишокот, барам од вас, секретаре, бидејќи седниците на Комисија не се јавни, барам од оваа говорница да гарантирате дека ниту еден вработен нема да претставува вишок или колатерална штета на оваа фузија и дека нема да биде доведено во прашање егзистенцијалното прашање, рече советникот Иван Димкоски.
Врз основа на која студија Управниот одбор на ЈП „Градски Пазар“ поднесе иницијатива за ликвидација на нивното јавно претпријатие и присоединување кон друго јавно претпријатие? Дали го разгледа економското финансиско работење на „Градски пазар“? Која е анализата дека ЈП „Градски гробишта“ ќе може да го истрпи овој товар од нови четириесет вработени? Бидејќи ако знаеме дека работело во минус, само ќе имаме намалување, посочи советникот Ванчо Костоски.
Мислам дека подобро ќе беше ако веќе се решило со добра една студија таква да се припои кон друго јавно претпријатие, на пример кон ЈП „Билјанини извори“. Зошто? Бидејќи е подобро стоечко, поголем број на години со поголема сума на позитива завршува и ќе почне со изградбата катната гаража. Ако пазарот останеше катна гаража, бидејќи се работи на место кај што тие сега го користат, не е нивна сопственост, го користат тоа и се даде на користење на ова јавно претпријатие можеби и сигурен сум дека со една добра анализа може да опстане ова јавно претпријатие. Меѓутоа, сега веќе кога сте решиле, јас знам мнозинство ќе изгласа, требаше да се припои под ЈП „Билјанини извори“, бидејќи и катната гаража на крај на ЈП „Билјанини извори“ ќе му ја дадете. Мислам дека оваа одлука на ваков начин не е во ред, додаде Костоски.
Денес не носиме одлука за присоединување на претпријатијата, туку одлука за започнување на постапка за присоединување на две јавни претпријатија во едно, кои ќе функционираат во еден правен субјект, а после донесување на оваа одлука ќе следат други активности кои што ќе ја покажат оваа оправданост или неоправданост за која што зборувате вие сега, рече секретарот на Општина Охрид, Алекснадар Китески.
За ова треба да зборувате откако ќе дојде следна точка на дневен ред, односно откако ќе се изготви правната, финансиската анализа, анализа на статусот, бројот и статусот на вработените во јавните претпријатија и така натаму. Значи, сепак ова е почеток, започнување на една постапка, а се она што ќе следи во иднина, сите оние акти и документи кои што ќе бидат донесени од страна на службите во јавните претпријатија или доколку тие одлучат таквите анализи да ги прави некоја надворешна консултантска куќа или така натаму, тоа оставаме на нив, во зависност од капацитетите со коишто располагаат во делот на човечките ресурси кои ги имаат во јавните претпријатија. Значи, ние од некаде мора да почнеме, рече Китески.
Од анализата која ќе следи изрази уверување дека финансиски нема да има негативни показатели со оглед на тоа што автоматски има намалување на трошоците во делот најпрво раководството, членови на одбори…
Точно е дека ќе има совпаѓање на тие раководители во двете јавни претпријатија кога ќе се спојат сектори, оделенија и така натаму. Меѓутоа, во случај кога имаме вакви статусни промени, секој, значи ние ќе гледаме секој да си најде свое работно место што одговара на неговата стручна подготовка. Нашата цел не е да го погодиме социјалниот елемент во сета оваа работа. ЈП „Охридски Комуналец“ не е во ова поради блокираната сметка и немаме можност за присоединување, затоа се одлучивме да видиме како ќе функционираме со присоединување на овие две јавни претпријатија и дали ќе биде добра пример за другите. Катната гаража, конечно, имаме одлука за избор на изведувач. Вчера мислам дека беше објавена во системот за јавни набавки. Се надевам дека по нејзината правосилност потпишуваме договор и се надевам, дека во текот на месец март ќе почне изградбата. Катната гаража не значи, дека по автоматизам ќе ја добие ЈП „Билјанини извори”. Напротив, ќе ја добие новото јавно претпријатие кое ќе заврши со присоединување на овие две ЈП-ја и тоа ќе има дополнителен приход. Катната гаража ќе има околу 200 паркинг места и ќе работи 24 часа и се надевам дека тој приход би бил поволен за новото ЈП.
Потенцираше дека постапката треба да почне, да се почекаат анализите и повторно да се донесе одлука на Совет која ќе биде поволна за ЈП, вработените и за граѓаните околу испораката на услугите кои тоа јавно претпријатие ќе ги дава.
Н.С.Ј.
















