Како дополнување на заложбите на Општина Охрид за воспоставување на систем за одржливо управување со отпад започнува примарна селекција во Хорека индустријата (хотели, ресторани, кафулиња) во Охрид. Хорека проектот е соработка на Ј.П. “Охридски комуналец” и SALAR International од Шведска, во рамките на проектот „Одржливо управување со отпад на локално ниво”.
Девет хотели покрај Охридското крајбрежје добија инструкции, обука на персоналот и материјали за спроведување на примарна селекција во нивното работење. Селекцијата на отпад во хотелите и другите угостителски објекти како едни од најголемите создавачи на отпад е клучен дел во успешно спроведување на системот, информираат од ЈП Охридски Комуналец.
Во следниот чекор за воспоставување на примарна селекција на отпад во угостителските објекти, посочуваат, ќе бидат вклучени бизнисите покрај шеталиштето со план за проширување на останатите објекти покрај Oхридското крајбрежје.
Овие активности се комплементарни на активностите за проширување на мрежата од домаќинства коишто ќе бидат вклучени во системот за примарна селекција на отпад со основна цел за покривање на целата општина. Комплексноста на процесот како и фактот дека овој начин на работа се спроведува за прв пат на територијата на Охрид подразбира потреба од флексибилност и разбирање од сите чинители. Но, со заеднички напори, поддршката којашто ја добиваме од државата и разбирањето за важноста на промените од страна на сите учесници, оваа трансформација кон подобри пракси ќе биде успешна, додаваат од претпријатието.
Моделот на работење којшто ќе се воспостави во Охрид, потенцираат, ќе може да се реплицира во другите градови во регионот, особено во туристичките центри како Струга, Крушево итн.
OhridNews













