Имотно-правни проблеми, семејни и бракоразводни проблеми, постапки за изрекување на мерки при вршење на семејно насилство и слично се дел од барањата на граѓаните за добивање на бесплатна правна помош. Барањата се однесуваат најголем процент на примарната правна помош, која што ја обезбедуваат подрачните одделенија на Министерството за правда, правните клиники и здруженијата на граѓани, но исто така има и барања за секундарна правна помош. Во државава се бележи постојан пораст на лицата кои користат бесплатна правна помош. Ова беше посочено на означувањето на официјалниот почеток на регионалниот проект EQUALS денес во Охрид.

Зајакнување на пристапот на бесплатна правна помош во државата како важен придонес кон ЕУ интеграциите.
Во Северна Македонија оваа иницијатива ќе се осврне на лицата кои што не може да си дозволат бесплатна правна помош. Нашиот главен партнер овде во Северна Македонија е Министерството за правда, меѓутоа и националните институции и граѓанските организации. Ќе работиме во сите осум плански региони на земјата со организации кои што ќе треба да обезбедат бесплатни правни услуги на луѓето со квалитетна правна помош. Сто и педесет професионалци ќе бидат обучени, кои што во рамките на програмата ќе обезбедуваат бесплатна правна помош на 1500 корисници, вели Армен Григоријан, постојан претставник на UNDP во земјава.
Бенефитите, од користењето на бесплатната правна помош се огромни за граѓаните на Република Македонија, потенцира заменик министерот за правда Ален Деребан.
Како Министерството за правда и досега ја обработуваме бесплатната правна помош, меѓутоа ни е од огромна помош. На тој начин ќе обезбедиме еднаков пристап до правдата, без разлика на нивната финансиска состојба и ќе обезбедиме правна помош и во делот на судската постапка и во делот на управната постапка. Минатата 2025 година примарна правна помош користеле 5071 лице, а секундарна правна помош користеле 258 граѓани. Имало вкупно 339 барања за секундарна правна помош, која што ја даваат адвокатите и биле од нив одобрени 258 барања за бесплатна правна помош, посочува Деребан.
Василка Димовска Дејон, генерален секретар на Републичкиот Центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“, потенцира дека голем дел од семејствата на лицата со попреченост не се добро упатени за остварување на постоечките права.
Многу ми е драго што почнуваат иницијативи за поддршка на разни групи на граѓани, меѓу кои и оваа група на граѓани кои што навистина се маргинализирани и голем процент се лица со низок социјален статус, а многу од овие семејства и самите лица не се комплетно запознаени за правата кои што постојат во нашата држава, правата кои што би можеле да ги остварат. Од друга страна, немаат капацитет да се борат за своите права, така да искрено се надевам дека ваквите иницијативи ќе значат голема поддршка и унапредување на нивните права. Пред се, јас како професионалец го сврзувам проблемот, потребата на лицата со попреченост со човекови права. Одиме еден чекор понатаму. Со вакви иницијативи ќе може да дојде до хармонизација на нашите закони, права, активности, коишто ќе значат хармонизација не само со европските практики, туку и со меѓународните практики. Ако земаме во предвид дека Конвенцијата за правата на лицата со попреченост е првата конвенција во 21 век, којашто беше донесена во Обединетите Нации и е едно обврзувачко тело за сите земји членки, меѓу кои и нашата држава ја ратификуваше оваа конвенција, значи сме на добра патека да почнеме да мислиме и за ранливите категории на граѓани во нашето општество, додава Димовска Дејон.
Инаку, регионалниот проект насочен кон реформирање и унапредување на системот за бесплатна правна помош ќе се реализира во наредните три години.
Н.С.Ј.















