Почнувајќи од утре до недела, во хотелот „Коцарев“ во Охрид ќе се оддржи семинар за зајакнување на капацитетите на младите од регионот, со цел истите да се вклучат во креирање на политиките кои ќе го подобрат статусот на младите.
На семинарот кој е во организација на Младинскиот совет Охрид, ќе присуствуваат Ања Чимек, претставник на Фондацијата Конрад Аденауер од канцеларијата во Скопје, Јохан Белц, претставник на фондацијата Конрад Аденауер од Берлин и Панагиотис Тациополус, претставник на Центарот за Европски Студии од Брисел.
Во името на Младински Совет Охрид присутните ќе ги поздрави Димче Каневче, а учество најавија и претставници на локалните самоуправи на Охрид и Ресен.
Како дел од проектот, предвидено е да се спроведе истражување за потребите на младите, дополнителни два семинари за креирање на стратегии за млади, три форуми и завршна конференција на која ќе се сумираат резултатите од спроведените активности.
Инаку, Младински совет Охрид, Фондацијата Конрад Аденауер и Центарот за Европски студии од Брисел, на почетокот од мај го започнаа реализирањето на проектот насловен како „Мост помеѓу политиката и граѓанското општество – јакнење на учеството на младите на локално ниво.“
OhridNews