Охридската црква „Св. Константин и Елена“ се наоѓа во стариот дел од градот, помеѓу црквата „Св. Богородица Перивлепта“ и основното училиште „Св. Климент Охридски“. Од нејзиниот двор се протега широк поглед кон градот и понатаму, преку езерото кон околните планини.

Натписот над јужниот влез на црквата кажува дека таа била подигната и живописана во 1477 година. Тоа е првиот век на османлиското владеење со Охрид и тогаш, по претворањето на „Св. Софија во џамија, христијанскиот духовен живот на градот се сосредотечува околу црквата „Св. Богородица Перивлепта“ како ново седиште на Охридската Архиепископија.

Во архитектонски поглед „Св. Константин и Елена“ претставува еднокорабна црква со попречен полуоблест свод (трансепт) којшто е употребен како замена за купола. Правоаголната основа на црквата на исток од надворешната страна завршува со тристрана апсида. Конструкцијата на оваа црква е скоро идентична со архитектурата на црквата „Св. Богородица Болничка“ за која се смета дека потекнува од седумдесеттите години на 14-тиот век.

Црквата „Св. Константин и Елена“ во внатрешноста е живописна целосно. Во апсидата на олтарниот простор е насликана св. Богородица Ширшаја (епитет со значење „поширока од небесата“). Фреските на ѕидовите ги прикажуваат вообичаените новозаветни сцени кои ги сочинуваат основите на христијанското учење: „Слегувањето на светиот Дух“, „Успението на Пресвета Богородица“, „Тајната вечера“, „Миењето нозе на апостолите“, „Молитвата во Маслиновата Гора“, „Предавството Јудино“, „Одрекнувањето Петрово“, „Христос пред Пилат“, „Раѓањето Христово“, „Патот на Голгота“, „Качувањето на крстот“, „Оплакувањето Христово“, „Погребението Христово“, „Вознесението Христово“, „Воскресението Христово“, „Сретење“ и „Преображението Христово“.

На јужниот ѕид се насликани патроните на црквата: св. цар Константин и неговата мајка, св. царица Елена. На истиот ѕид е насликан и јеромонахот Партение кој ги платил изградбата и живописувањето на оваа црква. Тој во десната рака го држи моделот на црквата, а покрај него се насликани неговата мајка Марија и синот Михајло. Во горниот дел од композицијата, во натписот за подигнувањето на црквата, се спомнува и неговиот татко Јован кој во тоа време бил веќе упокоен.

Во тремот на црквата внимание привлекуваат остатоците од композицијата „Заминувањето на светите воини во борба за победа на христијанството“.

Црквата располага со иконостас од поново време. Во него биле вградени многу постари икони, од 14-от, 17-от и 18-от век, а за Царските двери се смета дека се од времето на подигнувањето на црквата.

Во непознато време на јужната страна кон црквата е доѕидана мала капела посветена на св. Спиридон. Сите внатрешни ѕидни површини се покриени со живопис за кој се претпоставува дека потекнува од времето на изградбата на капелата.

Приказната за црквата „Св. Константин и Елена“ би ја дополниле со едно мало потсетување на охридскиот учител, револуционер и општествен деец Андон Кецкар (1865-1945). Неговиот гроб се наоѓа во дворот, источно од црквата. Редно е тој гроб, како дел од уредувањето на поширокото опкружување на црквата, да добие поугледен изглед од сегашниот; нека се постави барем една пристојна спомен-плоча да сведочи за името и делото на човекот што почива тука.

Со местоположба во близината на значајни споменици на културата, но и со живописот којшто го претставува последниот одек на охридското средновековно сликарство, црквата „Св. Константин и Елена“ привлекува внимание кај посетители од сите страни на светот. Останува да се надеваме дека портите на овој споменик на културата и православен храм повторно ќе бидат широко отворени за посета.

Мишо Јузмески