Запрен е Конкурсот за издавање учебници во деветгодишното основно образование, објавен на 9 април 2024 од Министерството за образование и наука. МОН на својата веб-страница објави дека оваа одлука е согласно заклучокот од седницата на Владата во петокот (5 јули 2024) и од причина што ќе следуваат измени и дополнувања на Концепцијата за основно образование.

Истото е со цел учениците потребните знаења, вештини и ставови од овие наставни предмети да ги стекнуваат согласно националните стандарди на крајот од основното образование, како и да се обезбеди меѓународна споредливост на постигањата на учениците на определена возраст во основното образование, наведува МОН.
Во објавата за запирање на Конкурсот кој е објавен пред три месеци, МОН го известува авторот односно авторите кои доставиле ракопис во архивата на Педагошката служба, заклучно со 8 јули 2024 година, дека тој може да се подигне од Педагошката служба најдоцна 15 дена од објавата на ова соопштение.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска во петокот на прес-конференција го соопшти заклучокот на Владата за одложување на имплементацијата на дел од Концепцијата што се однесува на седмо, осмо и деветто одделение во однос на наставните планови и програми, како што рече, „без да бидат засегнати изборните предмети за кои сметаме дека се добро решение во идниот процес на образование кај младите“.
OhridNews










