Експресен пат, ски центар и три туристички развојни зони во Отешево и Стење – ресенско и Љубаништа – охридско, предвидува предлог планот за измени во управувањето со НП Галичица инициран од владата. Дел од предвидената инфраструктура навлегува во строго заштитените зони на националниот парк, поради што на барање на јавната установа невладината „Биоеко“ изготви студија за влијанието врз животната средина за која деновиве дебатираше стручната јавност.
-Сега ние направивме анализа што ќе изгубиме од природното наследство, колкави ќе бидат ефектите, дали се тие значајни, или помалку значајни за одредени типови на живеалишта, односно загрозени или заштитени видови.-истакна Оливер Аврамоски од НП Галичица.
Стручњаците предупредуваат и бараат внимателност при реализацијата на амбициозните проекти, посочувајчи дека експресниот пат и ски центарот можат да ги загрозат природните живеалишта на повеќе ендемски видови флора и фауна.
-Особено треба да се обрне внимание при изградба на експресниот пат, ќе има фрагментирање на одредени природни живеалишта кои се значајни не само на национално ниво туку и во европски рамки, а во повисоките предели ќе бидат опфатени одредени видови кои се под закана на глобално ниво.– рече Проф.Светозар Петковски од невладината „БИОЕКО“ – изготвувач на студијата.
Во првиот дел автопатот од Охрид до Рача предвидена е да поминува по сосема нова траса во планинскиот дел богат со извори кои се користат за водоснабдување укажуваат екологистите, според кои, многу подобро ќе биде да се искористи постојниот автопат за оваа делница наместо да се гради нов.
-Тука е и каптажата од која со вода се снабдува Охрид. Има доста подземни води со питка вода и постои опасност од дренирање на водите од патот, и други нарушувања при градежните зафати. Отатаму сметаме дека треба што помалку да се вршат интервенции врз почвените слоеви.-изјави експертот за заштита на животна средина Ѓоко Зороски од ЕД Грашница.
Проф. д-р Науме Мариноски од ФТУ Охрид, истакна дека во НП Галичица се завршени сите научни истражувања и дека е време просторот да се искористи во туристички цели, но исклучиво според принципот на одржалив развој, укажувајќи притоа на потребата од зголемување на јавната свест за поголема заштита на нациналното богатство.
-Ако успееме во тој процес на реализација на заштитата ние практично ќе можеме да кажеме дека сме успеале и со овој и со идните планови кои ќе се носат, бидејќи бидете убедени дека атрактивните места секогаш ќе бидат мета на оние кои немаат култура и впрочем си ги бараат само сопствените инстереси, а не ги гледаат општодржавните и општонационалните интереси.-рече проф. Мариноски.
Забелешките од јавната расправа ќе ги разгледа стручен тим, по што тие ќе бидат доставени до Министерството за животна средина кое треба да даде финално мислење за Предлог измените во планот за управување со НП Галичица.
Горан Момироски