Силниот ветер, кој дуваше со брзина од над 90 километри на час, предизвика штета на повеќе места на крајбрежјето на Охрид. Ввечерва заседаваше Кризниот штаб на општина Охрид, кој ги разгледа информациите од надлежните служби за последиците од невремето. Договорени биле конкретни активности на надлежните служби и нивна координација.
– Нивото на Охридското Езеро е на 693,78 метри и тоа е 3 сантиметри над дозволената кота од 693,75 метри. Силниот ветер од над 90 километри на час, предизвика бранови во висина од 120 сантиметри. Кризниот штаб е во постојана комуникација со АД ЕЛЕМ, од каде велат дека кај Дрим се испуштаат по 20 метри кубни во секунда. Екипите на јавните претпријатија цел ден беа на терен и расчисуваа, а противпожарната единица имаше осум интервенции на паднати оџаци. Најголеми оштетувања има на крајбрежните објекти на потегот од Канео до градскиот плоштад. – информира Кризниот штаб.
Расчистувањето на последиците од невремето ќе продолжи во недела рано утрото.
-Ќе бидат ангажирани сите јавни претпријатија со потребни работници кои ќе бидат подготвени со алат и механизација за санирање на штетите. Правните и физичките лице кои се оштетени од невремето од понеделник ќе можат да поднесат барање за обештетување. Општинската комисија за проценка на штети од елементарни непогоди по пријава ќе излезе на терен. – соопшти Кризниот штаб.
Кризниот штаб апелира да се тргнат автомобилите од коловозите и да се регулира сообраќајот во стариот дел на градот за да може механизацијата непречено да работи на расчистување.
OhridNews

















