Засега не постои директна забрана за бришење на Охрид од листата на УНЕСКО, но сепак треба да постапува внимателно, особено во поглед на заштитата на  културното наследство. Притоа, треба да се најде компромис меѓу експертите  претставници на советодавните тела  со цел да се заштити автентичноста, но и да се зачува модернизмот и градењето нова инфраструктура во охридскиот регион, порача генералниот директор на УНЕСКО Ирина Бокова, која го посети Охрид во рамки на нејзината прва официјална посета на Република Македонија.

–  Треба да работиме на заштитата, да ја одржуваме автентичноста и културното наследство. Но, доколку не се задоволат и исполнат пропишаните критериуми, постои можност за бришење од листата. Сепак, со усвојувањето на законот за охридскиот регион и со долгата историја и културно наследство  на овој убав град, верувам дека Охрид ќе се одржи на листата на УНЕСКО, истакна Бокова.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која во Охрид оствари билатерална средба со Бокова, рече дека тоа прашање е регулирано со  неколку клучни закони кои треба да се применуваат, меѓу кои Менаџмент планот и Законот за заштита на природното и културното наследство на охридскиот и струшкиот  регион и посебниот закон за зачувување на старото градско јадро на Охрид.

Тие закони треба да се почитуваат и од страна на локалната самоуправа,  истакна Канческа-Милевска.

OhridNews