Пластични шишиња, најразлично ѓубре, па дури и корпите за отпадоци се фрлаат во езерото, тревниците светкаат од остатоци од најразлична амбалажа, клупите се уништуваат, а парковите се користат за една употреба.


Или не се користат соодветно…


…или завршуваат вака

Ова за жал е сликата во најголемиот туристички центар во Македонија во 21 век. Тоа е сликата во духовниот центар и градот на културата, кој се повеќе паѓа во сенка на нашата некултура. Дури ни спомениците на културата не се поштедени од нашите традиционални навики да оставаме се зад себе. Во тоа не се поштедени ниту духовните светилишта. Видел ли некој што оставаме во Св. Наум по панаѓурот и аздисувањето исполнето со многу кич и неморал на денот на големиот светител. Светата земја толку е наѓубрена што од неа никнува срам.


Не се почитува ни живо ни умрено – спомен обележјото на паднатите борци

Пред околу шест месеци на иницијатива на “Оhridnews“ и Македонското лимнолошко друштво беше уреден мал простор од уништеното Студенчичко блато. Се подигнаа тони отпад се направи парковска површина со клупи за одмор, се поставија информативни табли. Но, зошто треба нешто да е уредено кога може да е како и се друго во Охрид? Затоа некој се погрижил да уништи дел од таблите и да го врати ѓубрето назад од каде беше подигнато со стотици камиони.


не е сегмент од спот за реклама – туку паркот во Студенчишко блато


информативните табли облагородени….


…или уништени

Пред неколку дена фотографиите на нашиот читател Александар ни посведочија и за односот кон Охридското Езеро – најголемиот басен со питка вода во Европа. Во водите, кои според надлежните од Заводот за здравствена заштита  над 85% се од висока прва класа (може да се користи за пиење) плута најразличен отпад. И тоа крај кејот пред очите на гостите.


Некогаш децата ги учевме како да ловат риба сега ловат шишиња

Не е подобро ниту на „суво“. Не е доволно што во контејнерите неретко се одлага несоодветен отпад, па тие и се палат, поради што мора да интервенира и противпожарната единица.


алармот е запален, ама само во пожарна

Минататата година на сила стапи законот за Заштита на животна средина кој предвидува ригорозни казни за загадувачите на природата. Беа изречени голем број мандатни казни, но очигледно некои навики тешко се менуваат. И уште бројни примери да наведеме тешко дека ќе допрат до совеста на оние на кои негрижата и неодговорноста им е начин на живот, а навиките со генерации им се пренесуваат од колено на колено.

Горан Момироски