Охрид и охридско,  ќе добијат поголема заштита од државата со новиот Закон за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, што е на дневен ред на денешната седница на  Собранието на Република Македонија. Предлагачи на овој закон се Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за Култура.

Во образложението на законот, се вели дека причината за негово изготвување е  фактот што мониторинг мисиите на УНЕСКО, во Македонија, во неколку наврати имале сериозни забелешки за тоа што помеѓу македонските закони не постои и ваков закон. Исто така предлагачите на законот објаснуваат дека друга причина поради која се пристапило кон донесување на ваков закон е и тоа  што во последните неколку години евидентирана е зголемена урбанизација на крајбрежјето на Охридското Езеро, што значи постепено уништување и обезвреднување на природното и културното богаство во охридско.


Со донесувањето на Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, според образложението, се  очекува да се постигнат следните цели:

–    создавање на услови за пронаоѓање, заштита,  популаризација и унапредување на состојбата со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион;

–    пренесување на идните генерации на исклучителните вредности на светското природно и културно наследство во Охридскиот регион како дел од општото наследство на целото човештво;

–    спроведување на научни истражувања и воспитно-образовни активности;

–    создавање на услови за оддржлив развој на Република Македонија и општините Охрид, Струга и Дебрца , преку соодветно користење на светското природно и културно наследство на Охридскиот регион;

–    спречување на активности кои негативно влијаат врз исклучителните вредности на светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, и

–    вклучување на Република Македонија и општините Охрид, Струга и Дебрца  во меѓународниот систем на соработка и помош со цел меѓународната заштита на светското природно и културно наследство.

OhridNews