Предлог Заклучокот за усвојување на Информацијата за текот и постапката за урбанизација на локалитетот Студенчишко блато отвори бурна и долга расправа во рамки денешната седница на Советот на општина Охрид.

Советниците од опозицискиот блок истакнаа дека единствени информации за состојбата на Студенчишкото блато се добиваат врз основа на Студијата која што била изработена и финансирана од гермаската фондација, која не била усвоена од Владата на Република Македонија.

-Во ваква ситуација кога имаме страшна конфузија, од една страна изработена студија која што не е прифатена и не е направена ревизија, ние не знаеме која е точната состојба со блатото. А целта е да се направи студија и да се знае кои се границите на Студенчишкото блато, она што е прва зона да биде прогласено за споменик на природата. Ние бараме едно институционално одвивање на работите, како прво почитување на законот за управување со природно и културно богаство, формирање на комисијата која ќе управува, утврдување на границите на блатото и понатака да следи урбанизација на сето она што ќе биде прогласено дека не е веќе Студенчишко блато, рече Јован Стојаноски, координатор на совеничката група на СДСМ.

Советникот на ЛДП Дејан Блажески вели дека според преупредувањата на експертите, проширувањето на пешачката патеката, која е започната да се гради во потегот кај блатото е првиот проект кој треба да се стопира.

–Блатото е срцето на градот и не смееме да дозволиме таму да никнуваат никави градби. Експертите коментираат дека мора да се направи на тој дел што ќе се определи како блато, поврзување на блатото со подводни канали со езерото. Ние не можеме прво да градиме нешто, а потоа да уриваме. Не можеме да задоволуваме ничии апетити и не можеме да зборуваме дека станува збор за приватни имоти, знаејќи дека граѓаните кои имаат таму имоти ќе се земат како посебен предвид, рече Блажески.

Секретарот на општина Охрид Димитар Спасески истакна дека апсолутно е неточно и невистинито дека на тој простор има организирано блато по дефиниција, во кое што живее целокупниот животниски и растителен свет.

-Институцијата која е најповикана да одговори на ова прашање, Хидробиолошкиот завод, излезе со став дека на тој дел имаме еден неуреден простор којшто личи на се освен на блато. Среќни сме што нашето делување во овие две години успеа да ги отвори видиците и еднаш засекогаш да ја надминеме бариерата дека на тој простор има функционален систем, блато, во кој живее жив свет и е природен филтер на езерото, раче Спасески.

Тој истака дека во моментов не може да стане збор за зачувување на блатото туку само за негова ревитализација.

-Ќе ги почитуваме сите препораки кои што одат во правец на формирање на еден таков систем во тој дел на градот и затоа во рамки на ГУП оставаме можност со евентуелен ДУП кој би се носел во иднина да се овозможи уредување на тој простор и со помош на експерти да утврдиме кој е тој дел кој сеуште има можност да се ревитализира и дали тој дел ќе може по економските параметри да функционира како блато, истакна Спасески.

Претставниците на граѓанското движење „OHRID SOS“, кои во голем број присуствуваа на денешната седница на Советот, сметаат дека темата за заштита на Студенчишкото блато и понатаму треба биде актуелна.

-Во дел од Националната стратегија за води од 2012 до 2024 се вели дека сите активности кои се поврзани со водите како јавно добро треба да се направат со учество на јавноста и со јавна поддршка. Имајќи ја предвид Декларацијата која неодамна е потпишана од повеќе крајбрежни заедници за стопирање на штетните проекти за урбанизирање на делови покрај Охридското Езеро и националниот парк Галичица заклучивме дека граѓаните заклучија дека опстанокот на природата е над краткотрајниот интерес, вели Илина Арсова активист на „OHRID SOS“.

Таа најави дека во иднина планираат да направат еколошка кампања за информирање на граѓаните за околината на Охридското Езеро, како тоа се вреднува и колку тоа значи за идните генерации.

OhridNews