Засилени безбедносни мерки превзема полицијата пред вечерашниот фудбалски натпревар меѓу Шкендија и Партизан на Националната арена „Филип Втори Македонски“ во Скопје, јавува „Маккфакс“.

Засилени контроли, во координација со српските власти, денеска се спроведува на граничните премини со Србија, при што, според претходно договореното, нема да им биде дозволен влез во земјава на навивачки групи на Партизан што носат обележја на тимот или немаат карти за натпреварот.

Околу стадионот се формирани три безбедносни прстени со цел спречување на евентуални инциденти.

На влезовите на стадионот ќе биде поставена двојна контрола. Покрај проверката на влезниците, ќе се спроведува контрола со цел да се спречи внесување на тврди предмети кои може да бидат фрлени кон теренот.

На сообраќајниците околу стадионот ќе биде воведен посебен сообраќаен режим, а засилени полициски патроли ќе бидат присутни на влезовите на главниот град во Ченто и Сарај.

Од МВР апелираат навивачите и публиката да се однесуваат коректно. Секој обид за нарушување на јавниот ред и мир, како што велат од министерството, ќе биде енергично спречен и ригорозно санкциониран.

OhridNews
извор: „Макфакс“