При надзорот во водите на Охридско Езеро затекнати биле 5 лица кои вршеле рекреативен риболов со блинкер, без дозвола од концесионерот и едно лице кое вршело рекреативен риболов со риболовни средства – блинкери повеќе од дозволените согласно риболовната основа на Охридско Езеро.
Против лицата ќе бидат поведени соодветни постапки. На сите, од страна на Државниот инспекторат за земјоделство – Охрид, ќе им биде понудена постапка за порамнување, при што ќе им бидат издадени платни налози и доколку во рок 8 дена од издавањето не бидат платени ќе бидат поднесени соодветни Барања за поведување на прекршочна постапка до Основен Суд во Охрид.
Од Државниот инспекторат за земјоделство, информираат дека е неопходно сите рекреативни риболовци, при вршење на рекреативен риболов (без разлика дали истиот го вршат од брег или од кајче), да поседуваат важечка рекреативна легитимација издадена од Македонска риболовна федерација и рекреативна дозвола издадена од концесионерот на рибниот фонд од соодветната риболовна вода каде ќе бидат затекнати. Во овој случајот на Охридско Езеро рекреативна дозвола од ПАСТРМКА 2012 д.о.о.е.л .
Од Државниот инспекторат за земјоделство (одделение за инспекциски надзор од областа на рибарството со аквакултурата) – Охрид и концесионерот ПАСТРМКА 2012 д.о.о.е.л ги известуваат сите риболовци дека ќе се интензивираат контролите на Охридско Езеро, при што нема да се толерираат никакви прекршувања на Законот за рибарство и аквакултура и подзаконските акти од истиот, и притоа нема да има толеранција ниту за рибокрадците, ниту за риболовците кои риболоват без риболовна легитимација и дозвола.