Денес охридската полициска станица за безбедност во патниот сообраќај, врши контроли и презема мерки кон неправилно паркираните патнички моторни возила, информираат од СВР Охрид.
Оттаму додаваат дека денешните активности се продолжение на неодамнешните, при кои од страна на охридската полициска станица за безбедност во патниот сообраќај, биле откриени пет лица кои управувале моторни возила под дејство на алкохол, а седум возачи биле исклучени од сообраќај.
Во текот на викендот, од вкупно 65 алкотестирани возачи, затекнати биле две лица кои управувале патничко моторно возило под дејство на алкохол. По тие основи, сообраќајната полиција ги исклучила од натамошен сообраќај, одзела две возачки дозволи и издала исто толку платни налози. Со акциската контрола биле опфатени и прекршоците што ги чинат пешаците. Вкупно седум пешаци покажале непочитување на светлосните знаци и знаците на сообраќајниот полицаец, а исто толку биле затекнати во преминување на коловозот надвор од обележаниот пешачки премин.
– Акциските контроли што во континуитет се преземаат и пред се имаат превентивен карактер, се со цел подигнување на степенот на безбедност и заштита во сообраќајот како и доследно почитување на одредбите од законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Вакви и слични акциски контроли и понатака ќе се спроведуваат кон сите учесниците во сообраќајот што ги кршат одредбите од законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Од СВР повикуваат на целосно почитување на сообраќајните правила и прописи и максимален придонес од сите учесници за поголема безбедност и сигурност во сообраќајот.
OhridNews