Поради зачестеното непочитување на одредбите од Законот за безбедност во патниот сообраќај и непочитување на наредбите на полициските службеници, посебно евидентно во текот на неделава, Полициската станица за безбедност во патниот сообракај Охрид, презеде зачестени акциски контроли насочени кон возачите на моторцикли, модепи и велосипеди со помошен мотор.


Како што информираат од СВР- Охрид, Полициските службеници од Станицата за безбедност на патниот сообракај Охрид, деновиве се соочуваат со дрско и насилно однесување на одредени лица кои управуваат моторцикл, со незапирање на даден знак и бегање со моторциклот, како и со омаловажување и вербални навреди. Полициските службеници констатирале зачестена појава на управување на моторцикли без заштитен шлем односно кацига, управување под дејство на алкохол, управување нерегистрирани моторцикли или пред стекнување со соодветна дозвола, како и управување со   поголема брзина од пропишаната.


 
Целта на акциските контроли е елиминирање на прекршоците кои ги прават овие учесници во сообраќајот и укажување за потребата од подигнување на степенот на безбедноста во сообраќајот и на безбедносната култура кај возачите на моторцикли со целосно и доследно почитување на хоризонталната и вертикална патна сигнализација.

При преземените акциски контроли, кои ќе се спроведуваат и во текот на викендов,  досега исклучени од сообраќај се неколку моторцикли, издадени се повеќе покани за наплата на глоба, а околу 30 лица се повикани на сообраќајна воспитна мерка-сообраќајна поука.

OhridNews