Секторот за внатрешни работи Охрид, викендов,  презеде интензивни мерки во насока на зголемување на степенот на безбедноста на целото подрачје. Активностите пред се имаа превентивен карактер, а целта беше елиминирање на можностите за нарушувања на јавниот ред и мир, вршење кражби, откривање лица со непријавен престој и питачење и теренски увид на сообраќајот на повеќе сообракајници низ градот.

Освен реализираната акција за откривање на лица со непријавен престој, лица малолетници без надзор и лица кои се оддаваат на питачење , СВР Охрид  викендов приведе и две лица од Охрид поради нарушување на јавниот ред и мир со тепачка пред ноќен клуб.

Полициските службеници извршија контрола и мерење јачина на звук во сите ноќни клубови и угостителски објекти низ Охрид при што во еден од нив регистрирано е присуство на малолетно лице после 24 часот.

Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај, само во Охрид регистрира една сообраќајна незгода, седум случаи на управување моторно возило без возачка дозвола, четири случаи на управување моторно возило под дејство на алкохол, шест случаи на управување моторно возило со измината важност на сообраќајната дозвола и шеснаесет на управување моторно возило над дозволената брзина.

– Овие законски мерки, покрај во Охрид, координирано се реализираа и во Струга, Кичево и Дебар. Активностите беа спроведувани самостојно, но и во соработка со државниот пазарен инспекторат, оделенијата за инспекциски надзор, подрачните единици на Министерството за животна средина и општинските центри за социјални работи. Заради целосна безбедност на граѓаните и туристите, примената на законските овластувања продолжува и во наредниот период, информираат од СВР- Охрид.

Против прекршителите на законските одредби ќе бидат поднесени соодветни пријави.

OhridNews